Rights and Protections for Temporary Workers - Albanian

Last Updated: May 7, 2025
1746648801172.png

ОВА СЕ ВАШИТЕ ПРАВА

Додека сте во Соединетите Американски Држави, имате право:

  • да бидете правично платени

  • да работите на здраво и безбедно работно место

  • да побарате помош од синдикатот, организациите за заштита на имигранти и групите за работнички права

  • да напуштите небезбедна работа

  • да не бидете дискриминирани, вознемирувани и експлоатирани

Посетете ја веб-страницата MigrantWorker.gov за повеќе информации во однос на овие права

ДОКОЛКУ ВИ СЕ ПОВРЕДЕНИ ПРАВАТА, КОНТАКТИРАЈТЕ ЈА НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕФОНСКА ЛИНИЈА ЗА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ НА БРОЈОТ 1-888-373-7888 (ВО СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ), ИСПРАТЕТЕ ПОРАКА СО ТЕКСТ „HELP (ПОМОШ)“ НА БРОЈОТ 233733 (ВО СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ) ИЛИ ИСПРАТЕТЕ ЕЛЕКТРОНСКА ПОШТА НА [email protected].

ПОВИЦИТЕ СЕ АНОНИМНИ, ДОВЕРЛИВИ И БЕЗБЕДНИ БЕЗ РАЗЛИКА НА ИМИГРАЦИСКИОТ СТАТУС. ДОСТАПНИ ЗА ПОМОШ ВИ СЕ ОБУЧЕНИ ЕКСПЕРТИ НА ПОВЕЌЕ ОД 200 ЈАЗИЦИ. ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ НА WWW.HUMANTRAFICKINGHOTLINE.ORG

Доколку сте во непосредна опасност додека се наоѓате во Соединетите Американски Држави, јавете се на 911 за да ја контактирате локалната полиција. Пријавете ја итната ситуација, местото каде што се наоѓате и телефонскиот број од кој се јавувате. По потреба, на располагање имате и толкувачи.

Доколку сте аплицирале за неимигрантска виза A-3, G-5, H, J, NATO-7, TN или B-1 за домашни работници, треба да ја добиете оваа брошура:

  • со издадената виза (ако сте немале интервју) или

  • за време на интервјуто за доделување виза, кога конзуларниот службеник мора да потврди дека сте ги примиле, прочитале и разбрале информациите од оваа брошура пред да добиете виза.

Американските конзуларни службеници сакаат да ви помогнат да ги разберете вашите права во Соединетите Американски Држави и се достапни да ви одговорат на сите прашања што може да ги имате.

Помош може да добиете и од вашиот конзулат во САД преку Програмата за конзуларно партнерство на Министерството за труд на САД (CPP). Преку CPP, вашиот конзулат може да ви помогне да најдете ресурси и да ве поддржи при поднесување жалба доколку сметате дека ви се повредени правата. За список на земји партнери, посетете ја веб-страницата: https://www.dol.gov//general//migrantworker//support.

БЕЗ РАЗЛИКА НА ИМИГРАНТСКИОТ СТАТУС, ИМАТЕ ОДРЕДЕНИ ПРАВА

Работодавачот не смее да ве отпушти, да ве малтретира или да одбие да ви плати за остварување на вашите права.

ИМАТЕ ПРАВО:

1. Да бидете правично платени

• Работодавачот мора да ви плати за целата работа што ја работите. Мора да ви ја исплати најмалку федералната законска минимална плата за повеќето работни места.

• Работодавачот мора да ви исплати повеќе од федералната минимална плата ако:

  • Работите во држава, град, округ или место каде што има повисока минимална плата.

  • Тоа е според вашиот договор за работа или програма за виза.

  • Ако работите над 40 часа неделно, работодавачот можеби ќе треба да ви исплати 1,5 пати повеќе од редовната плата за дополнителните часови. На пример, ако заработувате 10 долари на час, може да добиете 15 долари за секој дополнителен час.

• Ако работодавачот ви одзема пари од платата, тоа претставува одбиток. Вашата потврда за заработката (како што е „извод од плата“) мора да го содржи секој одбиток. Одбитоците може да се за работи по сопствен избор, како што се здравствено осигурување или синдикални давачки, но може да се потребни и за одредени даноци.

• Работодавачот вообичаено не смее да ви одзема дел од платата или да ве тера да платите за униформи, безбедносна опрема, потребни алатки, материјали, опрема или надомест за регрутирање. За некои видови визи, домувањето мора да се обезбеди бесплатно.

• Работодавачот не смее да ви се одмаздува, да ве вознемирува, заплашува или презема негативни дејствија против вас само затоа што сте побарале информации за платата, работните часови и другите права, за поднесување жалба или соработка со истражните органи за плати и работни часови.

• Од платата може да се направат одбитоци по ваш сопствен избор, како што се здравствено осигурување или синдикални давачки. Може да се потребни одбитоци и за одредени даноци.

Доколку имате какви било прашања или сте загрижени за вашите надоместоци или платата, јавете се на бројот 1-866-487-9243 или посетете ја локалната канцеларија за плати и работни часови на веб-страницата: www.dol.gov/agencies/whd/contact/local-offices.

2. Да работите на здраво и безбедно работно место

Безбедно работно место: работодавачот мора да го одржува работното место здраво и безбедно.

Обуки: работодавачот мора да ви даде информации и да ве обучи за опасностите од работата, како да избегнете повреди или несреќи и правилата за безбедност и здравје за вашето работно место. Обуката мора да е на јазик што го разбирате.

Потребна безбедносна опрема: Имате право да добиете опрема за лична заштита, како што се ракавици или појас и сајла за заштита од падови, а работодавачот мора да ве обучи како правилно да ја користите оваа опрема.

Пријавување повреди и болести поврзани со работата: имате право да пријавите повреда или болест и да го погледнете и да добиете примерок од медицинското досие што го чува работодавачот.

Поднесување жалба за безбедност и здравје: Доколку сметате дека работата не е безбедна или е опасна за вашето здравје, вие (или некој што ве застапува) може да поднесете доверлива жалба до Администрацијата за безбедност и здравје при работа (OSHA). Доколку постои можност, добра идеја е да донесете друг работник со себе како сведок доколку сте му укажале на работодавачот за небезбедните услови и исто така да ги споделите забелешките преку текстуална порака или е-пошта за да има писмен запис за истото. Може да разговарате приватно и доверливо со инспекторите на OSHA и да ги погледнете наодите од инспекциите или испитувањата кои се извршени за да се утврдат опасностите во работната област.

Заштита од одмазда: Може да ги пријавите опасностите на работното место. Имате право да поднесете жалба до OSHA доколку сметате дека работодавачот ве казнува затоа што изразувате загриженост за опасностите по безбедноста и здравјето. Доколку сметате дека сте казнети поради изразување загриженост, поднесете жалба во рок од 30 дена од наводната казна. За повеќе информации посетете ја веб-страницата: www.whistleblowers.gov.

За повеќе информации за работничките права во поглед на OSHA, посетете ја веб-страницата: www.osha.gov/workers.

Медицински третман: Доколку има потреба, може самостојно да посетите лекар или медицинска сестра. Ако се повредите или се разболите на работа, работодавачот треба да ги покрие трошоците за медицинската нега и да ви надомести дел од изгубените плати. Побарајте примерок од медицинската документација од клиниката или болницата каде што сте биле лекувани. Во повеќето случаи, може да поднесете барање за работнички надомест во државата во која што работите. Тоа претставува исплата на средства за повреди или болести поврзани со работа. Локалната канцеларија за барање работнички надомест може да ја најдете тука: www.dol.govagencies/owcp/wc.

Домување: Ако работодавачот ви обезбедува домување, тоа треба да биде чисто и безбедно. Мора да ви е дозволено слободно да го напуштате домот.

Тоалети: Тоалетите треба да се чисти и лесно достапни. Работодавачот треба да ви дозволи да го користите тоалетот секогаш кога ви е потребно и да обезбеди станици за миење со вода и сапун или слични средства за хигиена, за да може редовно да ги миете рацете.

Вода за пиење: Имате право да добивате чиста вода за пиење бесплатно.

Топлина: Работодавачите опфатени со прописите на OSHA мора да ве заштитат од екстремни температури и да имаат програма за спречување топлотни удари. Доколку работите со или во близина на пестициди или опасни хемикалии, работодавачот мора:

• да обезбеди сапун и вода за миење раце;

• да обезбеди соодветна безбедносна опрема која ви е потребна за работното место (како респиратор или ракавици) и да ве обучи правилно да ја

користите;

• да обезбеди платена обука за ракување со хемикалии на работното место со цел да ги разберете ризиците од хемикалиите со коишто работите;

• да ви соопшти каде и кога се прскало со пестициди и кога е безбедно повторно да влезете во просториите за да избегнете ненамерно изложување. Избегнувајте места каде што се користеле пестициди.

Доколку сметате дека вашата работа е небезбедна и сакате да повикате инспекција или да добиете повеќе информации за сопствените права, јавете се на бројот 1-866-4-USA-DOL или одете на веб-страницата на Министерството за труд (dol.gov или migrantworker.gov).

Доколку сте работник со виза H-2A и имате прашања или сте загрижени за здравјето и безбедноста на работното место во поглед на домувањето или превозот, јавете се на бројот 1-866-487-9243 или посетете ја локалната канцеларија за плати и работни часови: www.dol.gov/agencies/whd/contact/local-offices.

3. Да побарате помош од синдикатот, организациите за заштита на имигранти и групите за работнички права

Во повеќето случаи, имате право:

• да се здружите со соработниците и да побарате од работодавачот повисока плата и/или подобри работни услови;

• да формирате, да се приклучувате и да поддржите синдикат во вашето поле на работа. За повеќе информации за овие права, посетете ја веб-страницата: www.nlrb.gov.

• да присуствувате на јавни говори, митинзи и демонстрации за повисоки плати и/или подобри работни услови.

4. Да напуштите небезбедна работа

• Не сте прнудени да останете на работното место доколку работодавачот ве малтретира или не се чувствувате безбедно. Може да се јавите на Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888 за помош.

• Имиграцискиот статус повеќе нема да важи ако го напуштите работодавачот, но постои можност да го промените статусот или да се вработите кај нов работодавач кој ќе ве спонзорира. Доколку вашиот работодавач е под истрага од агенција за труд, можно е да добиете привремена заштита од отстранување од програмата, но и привремена работна дозвола. За повеќе детали, посетете ја веб-страницата: www.dhs.gov/enforcement-labor-and-employment-laws.

Без разлика на имигрантскиот статус, може да се јавите на Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888 и да побарате помош доколку сметате дека сте жртва на трговија со луѓе или на Националниот одбор за работни односи на бројот 1-844-762-6572 и да побарате да разговарате со регионален координатор за имиграција.

За повеќе ресурси за работниците и со кого да контактирате во владата на Соединетите Американски Држави за конкретни проблеми, посетете ги веб-страниците: MigrantWorker.gov или TrabajadorMigrante.gov.

5. Да не бидете дискриминирани и вознемирувани

• Работодавачот не смее да ве третира поинаку или лошо врз основа на возраст (доколку имате 40 години или повеќе), пол, раса, национално потекло и етничка припадност, боја на кожа, религија, генетски податоци (вклучително семејна медицинска историја) или попреченост.

• За да поднесете пријава за дискриминација, посетете ја веб-страницата: www.eeoc.gov/how-file-charge-employment-discrimination. За да поднесете пријава за дискриминација поради вашиот статус на државјанство, посетете ја веб-страницата: www.justice.gov/crt/filing-charge.

• Никој не смее да ве вознемирува вербално, физички или сексуално.

6. Да не бидете експлоатирани

• Никој нема право сексуално да ве експлоатира, вклучително и да ве допира на сексуален начин; или да ве принудува, мами и тера да извршите сексуален чин како бакнување, сексуален однос, орален секс или воајеризам.

• Видете на страница 12 за повеќе информации за експлоатацијата на работна сила и трговијата со луѓе.

Доколку сметате дека ви се повредени правата, пријавете го тоа на Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888 (во Соединетите Американски Држави) или на една од страниците наведени на страниците 15 и 16 од оваа брошура. Доколку не зборувате англиски, побарајте толкувач.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРАВА ВРЗ ОСНОВА НА ВАШИОТ НЕИМИГРАНТСКИ СТАТУС

Визи A-3, G-5, NATO-7 и B-1 за домашни работници

Работодавачот мора да ви даде договор за работа што е во согласност со законодавството на САД, вклучително барањата договорот да:

• е на јазик што го разбирате;

• ја утврдува саатницата, која мора да е повисока од федералната, државната или локалната минимална плата во САД;

• предвидува дека работодавачот ќе ви обезбеди бесплатно сместување и храна (доколку живеете во домот на работодавачот) и повратен авионски билет;

• го содржи точниот отказен рок што работодавачот мора да ви го даде пред да престанете со работа и отказниот рок што вие мора да му го дадете на работодавачот ако планирате да си заминете;

• содржи секакви други поволности кои им се неопходни на домашните работници во САД, како што се платени паузи, неплатено боледување и работнички надомест.

Уверете се дека потполно го разберате договорот и земете си примерок од истиот. Не потпишувајте го договорот доколку не разбирате што пишува во него.

Дополнителни барања за визи A-3, G-5 и NATO-7 за домашни работници

Во најмала рака, договорот мора да содржи:

• спогодба со работодавачот која е согласно сите закони на САД;

• податоци за тоа колку често ќе бидете исплаќани, како ќе ве исплаќаат, работните обврски, неделното работно време, празниците, деновите на боледување и деновите на одмор;

• спогодба со работодавачот да не ви ги задржува пасошот, договорот за вработување или другите лични работи кои ви припаѓаат вам.

Визи H-2A за привремени земјоделски работници

• Никогаш не треба да плаќате надомест за да добиете работа. Доколку некој ви побара да уплатите одреден износ, контактирајте ја локалната американска амбасада или конзулат ако сè уште се наоѓате во матичната земја или Одделот за плати и работни часови на бројот 1-866-487-9243 ако се наоѓате во Соединетите Американски Држави.

• Ниту работодавачот ниту кое било друго лице што работи со или за работодавачот не смее да ве присилува да се задолжувате или да ве натера да исплаќате одреден долг. Доколку тоа се случи, јавете се на Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888 ако се наоѓате во Соединетите Американски Држави или вашата локална амбасада или конзулат на САД ако се наоѓате во матичната земја.

Работодавачот мора:

• да ве исплаќа најмалку двапати месечно за целата работа што ја работите по стапката што е наведена во налогот за работа или договорот и во времето утврдено во договорот за работа. Надоместот за работата може да е повисок од федералната, државната или локалната минимална плата;

• да ви обезбеди или плаќа превоз од местото на регрутирање до работното место, како и дневни оброци за време на тоа патување или да ви ги надомести тие трошоци откако ќе завршите половина од времето што треба да го сработите според договорот за работа;

• да ви ги надомести трошоците за пат до работното место и трошоците за виза во текот на првата работна недела доколку вашата плата минус вашите трошоци изнесува помалку од минималната плата во САД.

Доколку сте работник со виза H-2A или H-2B и имате прашања или сте загрижени за вашите права, јавете се на бројот 1-866-487-9243 или посетете ја локалната Канцеларија за плати и работни часови на: www.dol.gov/agencies/whd/contact/local-offices.

За привремени земјоделски работници со виза H-2A

Работодавачот:

• мора да ви даде писмен договор за работа на јазик што го разбирате. Тој мора да содржи податоци за вашата плата, колку долго ќе трае работата, работните часови, поволностите (превоз, домување и оброци или апарати за готвење), како и сите одбитоци од платата. Не е дозволено да се вршат одбитоци од плата за социјално осигурување и Медикер во САД додека сте вработени со виза H-2A. 

• мора да ви обезбеди безбедно и чисто домување без дополнителен надомест;

• мора да ви обезбеди бесплатен превоз од домувањето кое ви го обезбедил до работното место;

• мора да ви обезбеди безбеден транспорт од лиценцирани возачи во соодветно осигурани возила со сета потребна безбедносна опрема;

• мора да ви обезбеди 3 оброка на ден или место за готвење кое е бесплатно и лесно достапно за вас;

• не смее да ве казнува или спречува да се сретнете со владини претставници или правни даватели на услуги кои ќе ве информираат за вашите права и може да ви помогнат да поднесете жалба;

• мора да ви обезбеди или да плати за превоз, сместување и оброци од работното место до вашиот дом во вашата матична земја откако ќе ви заврши работниот ангажман наведен во договорот за работа;

• мора да ви понуди да работите најмалку 3/4 од работните денови кои се утврдени во договорот за работа или да ви плати за часовите што не ви се понудени.

За привремени неземјоделски работници со виза H-2B

Работодавачот мора да:

• ви даде писмен налог за работа на јазик што го разбирате. Тој мора да содржи детали за платата, колку долго ќе трае работата, работните часови, сите бенифиции што работодавачот доброволно ви ги нуди (превоз, домување и оброци или апарати за готвење), како и сите одбитоци од платата.

• ви плати за превоз, домување и оброци од работното место до вашиот дом во вашата матична земја доколку ви заврши работниот ангажман наведен во договорот за работа или доколку работодавачот ве отпушти пред да ви заврши работниот ангажман.

Визи J-1 за размена на посетители

• Потпишаниот формулар DS-2019 ги содржи датумите на вашата програма, категоријата на програмата, името на вашиот спонзор и каде ќе се одвива програмата за размена. Вашиот спонзор мора да го ажурира формуларот DS-2019 додека трае програмата со цел да ги опфати сите промени во финансирањето, местото каде што се одвива активноста и датумите на програмата.

• Спонзорот мора да ви ги објасни сите трошоци, услови и правила на вашата програма за размена, вклучително и писмена изјава за работата што се согласувате да ја работите, колку ќе бидете платени и колку часови треба да очекувате да работите, доколку е применливо. Доколку имате итни проблеми со здравјето, безбедноста или благосостојбата, ве молиме контактирајте ја телефонската линија за итни случаи за визи J на бројот 1-866-283-9090. За општи прашања или проблеми, ве молиме пишете на електронската пошта: [email protected].

• Спонзорот мора да провери дали имате здравствено осигурување, осигурување во случај на репатријација или евакуација, но не треба да го обезбеди или да плати за истото.

Летни програми за работа и патувања

Спонзорот мора да ви помогне да најдете работа по една седмица барање работа во Соединетите Американски Држави доколку доаѓате од земја за која нема виза и сте пристигнале без работа. Спонзорите мора да се потрудат да им помогнат на сите учесници во летните програми за работа и патувања кои сакаат да променат работно место за време на програмата. Спонзорите мора да ги проценат и потврдат првичните и сите дополнителни работни места на сите учесници во летните програми за работа и патувања пред учесниците да започнат со работа како што е наведено во правилата на програмата.

Практиканти или приправници

Спонзорот мора да ви даде план за обука/стажирање (Формулар DS-7002) кој содржи писмена изјава за сите приходи што ќе ги добивате и резиме на целите за обука на програмата. Мора да работите најмалку 32 часа неделно.

Спонзорот мора да ви даде писмена изјава за трошоците и таксите што ќе треба да ги плаќате и процена на трошоците за живот во Соединетите Американски Држави.

Спонзорот мора провери дали имате здравствено осигурување, осигурување во случај на репатријација или евакуација, но не треба да го обезбеди или да плати за тоа.

Програма Au Pair за бебиситерки:

Семејството домаќин мора да ви помогне да се регистрирате и да посетувате часови во постсекундарна институција при што ќе плаќа до 500 долари за тие часови. Доколку сте бебиситерка EduCare Au Pair, семејството домаќин мора да плаќа до 1.000 долари за ваквите часови.

Не мора да работите повеќе од 10 часа дневно или 45 часа неделно. Доколку сте бебиситерка EduCare Au Pair, не мора да работите повеќе од 10 часа дневно или 30 часа неделно.

Локалниот советник мора да ве контактира секој месец и редовно да ја проверува ситуацијата во вашето семејство домаќин.

ВАШАТА НЕИМИГРАНТСКА ВИЗА

Неимигрантската виза е документ на американската влада што им овозможува на луѓето влез во Соединетите Американски Држави од одредени причини, како на пример да работат, да студираат или да бидат дел од програма за културна размена. Потребно е да аплицирате за виза во американска амбасада или конзулат во странство (Забелешка: канадските граѓани аплицираат за влез со статус J-1 на самото пристаниште при влез). Откако ќе ја добиете визата, може да отпатувате во САД и да му ја покажете на службеникот за имиграција на САД („граничен цариник“) при влез. Доколку визата ви истече, потребно е да добиете нова виза пред да се вратите во САД. За повеќе детали за процесот на аплицирање за виза и вашата американска виза, посетете ја веб-страницата: usvisas.state.gov.

Кога граничниот цариник ќе ви дозволи влез во Соединетите Американски Држави, електронски се креира формулар I-94 (понекогаш може да биде на хартија). Формуларот I-94 го содржи датумот на влез, типот виза и датумот до кој мора да ги напуштите Соединетите Американски Држави. Мора да заминете пред да истече датумот наведен како „важи до“ за да престојувате легално освен ако поднесете барање за продолжување на престојот во Службите за државјанство и имиграција на САД (USCIS). Вашето досие I-94 може да го проверите на веб-страницата: https://i94.cbp.dhs.gov.

file

ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ

Трговијата со луѓе е сериозно кривично дело при што одредени лица користат сила, измама или принуда да натераат друго лице да врши работа или пружа услуги или да се вклучи во комерцијален сексуален чин. Доколку лице помладо од 18 години е вклучено во комерцијален сексуален чин, тоа се смета за трговија со луѓе дури и ако не била употребена сила, измама или принуда. Комерцијален сексуален чин е тргување со нешто од вредност (вклучително домување, заштита, храна, пари) за секс.

Националната телефонска линија за трговија со луѓе може да ви помогне и да ве упати до потребните услуги и локална поддршка. Контактирајте ја Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888, доколку вие или некој што го познавате може да се соочува со еден или повеќе аспекти од следниве:

Заканување или заплашување

Никој не смее да ви се заканува, застрашува или инаку да ве заплашува за да ве натера вам или други лица да се чувствувате премногу исплашени за да се обидете да избегате. Примери за такво однесување се:

• Удирање, физичко повредување или сексуално злоставување вам или на други лица;

• Закани за повреда или злоупотреба, или сексуална злоупотреба вам или на други лица;

• Спречување да ја напуштите работата или домувањето;

• Спречување или оневозможување пристап до лекови за вас или некој за кој се грижите, од која било причина;

• Закани за повреди, депортирање или апсење вам или вашето семејство доколку се жалите на малтретирање, ја пријавите ситуацијата или побарате помош;

• Повредување други лица кои се обиделе да си заминат, да се жалат, да ја пријават ситуацијата или да добијат помош; или

• Закани за ставање на црната листа за да не може повторно да работите во САД.

Принудување да се направи нешто за да се отплати долг

Никој не смее да ве натера да работите или да продолжите да вложувате труд, пружате услуги или комерцијални сексуални чинови или да ве спречи да заминете. Никој не смее одеднаш да ги промени условите на долгот за да ви отежни да го вратите или да ве натера да мислите дека мора да работите додека не го исплатите долгот. Примери за вакво однесување се:

• Уверување дека должите огромна сума што е тешко да се исплати во разумен рок;

• Тврдење дека должите повеќе отколку што сте се согласиле, или за работи за кои претходно не сте се согласиле;

• Дополнителни давачки за превоз, сместување, храна и други трошоци за кои не сте се согласиле претходно; и

• Дополнителни давачки, глоби или казни за прекршување на правилата, бидејќи не заработувате доволно или недоволно ја извршувате работата незадоволително пружате услуги или комерцијални сексуални чинови.

Неможност да си заминете, да пријавите или да побарате помош

Никој не смее да ве спречи вам или други лица да си заминете, да пријавите или да побарате помош. Примери за вакво однесување се кога ви кажуваат дека не смеете да го напуштите работното место или ограничувања во однос на тоа каде може да одите кога не работите.

• Секогаш треба да имате пристап до својот пасош, виза, извод од матична книга на родени или други документи за идентификација. Никој не смее да ви ги одземе;

• Треба да имате доволно храна, одмор, сон или медицинска помош кога ви се потребни. Никој не смее да ги ограничува овие работи; и

• Треба да ви е дозволено да разговарате со семејството, со другите луѓе на работа, со клиентите или со кое било друго лице со кое имате потреба да разговарате, како што се даватели на правни или социјални услуги. Никој не смее да ве спречи слободно да комуницирате или да ве следи што зборувате.

Лажење

Никој не смее да ве лаже или мами за да ве натера да работите или да пружате комерцијални сексуални чинови.

Примери на лаги и мамење се:

• Давање лажни ветувања за видот на работата, работното време, работните услови, условите за живеење или платата;

• Принудување да работите многу подолго, под полоши услови или за помала плата од ветената;

• Да ви тврдат дека немате права;

• Да ви кажуваат дека нема да ви веруваат или дека ќе ве депортираат ако се обидете да заминете или да побарате помош; или

• Да ви кажуваат да лажете во однос на работодавачот или другите работници.

• Лажните ветувања може да се однесуваат, на пример, на тврдење дека ќе работите како квалификувана медицинска сестра, но потоа да ве натераат да чистите дом за стари лица; или да ви кажат дека ќе бидете дадилка, а потоа да ве натераат да изведувате егзотични танцови или да вршите комерцијални сексуални чинови.

Може ли работодавачот да ве депортира ако пријавите злоупотреба?

Постојат програми за заштита на луѓето кои пријавуваат злоупотреба или малтретирање.

Овие програми може да ви помогнат да останете во Соединетите Американски Држави дури и ако го напуштите работодавачот. Не треба да се плашите да побарате помош дури и ако сте загрижени за имиграцискиот статус. Јавете се на Националната телефонска линија за трговија со луѓе на бројот 1-888-373-7888 за да ги дознаете сите опции кои ви се на располагање. Со Националната телефонска линија за трговија со луѓе не управува Владата или органот за спроведување на законот.

ЗА ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА:

• Процесот на аплицирање за виза и вашата американска виза: usvisas.state.gov.

• Трговија со луѓе: www.state.gov/j/tip.

• Програмата за визи J-1 за размена на посетители: j1visa.state.gov.

• Еднаквост и вашите права да не бидете дискриминирани на работа врз основа на раса, боја на кожа, религија, пол (вклучително бременост), национално потекло, возраст (40 години или повеќе), попреченост или генетски информации и да поднесете пријава за дискриминација: www.eeoc.gov.

• Вашите права за безбедност на работното место или доколу сметате дека работата ви е небезбедна и сакате да побарате инспекција: www.osha.gov.

• Како да дознаете дали неисплатените плати се одземени од работодавачот во ваше име: webapps.dol.gov/wow.

• Вашите права да бидете правично платени: www.dol.gov/WHD/immigration.

• Како да поднесете жалба во однос на платата: https://www.dol.gov/agencies/whd/contact/complaints

• Вашето право да не бидете дискриминирани врз основа на вашиот статус на државјанство и да поднесете жалба за дискриминација: www.justice.gov/crt/filing-charge.

• Вашето право да се здружите со другите работници за да ги подобрите платите или работните услови, вклучително и како да поднесете пријава: www.nlrb.gov.

• Вашите права, обврски и исклучоци од здравствено осигурување: localhelp.healthcare.gov (англиски јазик) и ayudalocal.cuidadodesalud.gov (шпански јазик).

• Вашите права доколку сте жртва на кривично дело. Закон за правата на жртвите од кривично дело: https://www.justice.gov/criminal/criminal-vns/victim-rights-derechos-de-las-v-ctimas

• I-94: https://i94.cbp.dhs.gov/I94

• Статус на петиција на потенцијален работодавач, онлајн статус на случај на USCIS: https://egov.uscis.gov

• Ресурси на USCIS за трговија со луѓе:

• https://www.dhs.gov/blue-campaign/resources-available-victims

• https://www.uscis.gov/humanitarian/victims-of-human-trafficking-and-other-crimes

Програми на USCIS кои нудат бенефиции за имиграција за работници со неимигрантски статусТ и U:

• https://www.uscis.gov/humanitarian/victims-of-human-trafficking-and-other-crimes

• Бенефиции и за бегалци и услуги за управување со случаи; Доколку постои сомнеж за трговија со луѓе, посетете ја Канцеларијата за трговија со луѓе (OTIP) на веб-страницата:

• https://www.acf.hhs.gov/otip/victim-assistance/child-eligibility-letters

• https://www.acf.hhs.gov/otip/victim-assistance/certification

1697038691004.png

COBET

Зависно од тоа колку време престојувате во Соединетите Американски Држави, може да ви треба здравствено осигурување. За да ги скратите трошоците за здравствено осигурување, може да аплицирате и за финансиска помош, доколку ги исполнувате критериумите.

Пред да заминете за Соединетите Американски Држави, најдобро е да побарате совет од организациите на работници-мигранти или од поранешни работници-мигранти. На овој начин ќе дојдете до имиња и телефонски броеви на лица или организации со кои може да стапите во контакт доколку имате проблеми или прашања кога се наоѓате во Соединетите Американски Држави.

Правниот совет од вашиот работодавач, изведувач или регрутер може да е пристрасен. Побарајте совет од независен адвокат.

Работодавачот мора да ви плати навреме. Вообичаена практика во Соединетите Американски Држави е вработените да добиваат плата на секои две седмици, но сепак, вашиот распоред за исплата може да се разликува согласно договорот за работа.

Водете детална евиденција за сите несоодветни коментари и/или дејства што работодавачот ги презема против вас и запишете ги имињата и телефонските броеви на сите сведоци.

Откако ќе пристигнете во Соединетите Американски Држави, чувајте го пасошот и другите патни документи на безбедно место што постојано ви се на дофат. Незаконски е работодавачот да ви го одземе пасошот.

Добра идеја е да си водите писмена евиденција за целото време што сте го поминале на работа. На тетратка запишете ги сите денови и часови што сте ги сработиле, колку сте биле платени, датумите кога сте добиле плата, сите одбитоци од платата и причините за тие одбитоци.